Гонзало: Го сакав Вардар за ривал иако има икона како Штербик

Тренерот на Барселона, Чави Пасквал, истакна дека на фајналфор турнирите вообичаено клучни фигури се голманите, а каталонскиот гигант на својот гол како прва опција го има Гонзало Перез де Варгас пред Македонецот Борко Ристовски. Шпанскиот репрезентативец блесна на реваншот со Кил и ја одведе Барса на овој фајалфор, па од Гонзало сега се очекува слично издание и на саботното полуфинале со Вардар. Овој 26-годишен голман не смета дека Барса е фаворит на оваа средба и има само пофални зборови за македонскиот првак, од чии редови во прв ред го истакнува својот поранешен репрезентативен колега, Арпад Штербик.

Да бидам искрен, го посакував Вардар за ривал пред се поради неискуството на фајналфор турнирите. Ова не значи дека ќе ни биде лесно, тие се тим што играат одличен брз ракомет, а згора на тоа на голот имаат спортска икона како што е Арпад Штербик. Мислам дека и Вардар и Барса играат сличен ракомет, но верувам во нас, пред се во нашата одбрана, со која можеме да го исфрлиме противникот од ритам“ – истакнува Гонзало Перез де Варгас во интервју за весникот „Ел Мундо Депортиво“.

Одличниот голман има бројни пријатели во таборот на „вардарци“, но јасно е дека на саботниот меч ќе нема место за сентименталност.

Штербик, Душебајев, Канелјас и Македа… сите тие ми се одлични пријатели. Сега ќе бидеме ривали и се шегуваме на таа тема, јасно ни е дека на теренот нема место за пријателство, но тоа е само еден меч и потоа повторно ќе бидеме заедно, во репрезентацијата. Според мене на овој фајналфор нема фаворити, сите четири полуфиналисти влегуваат со идентични 25% шанси за да го кренат трофејот. Тоа ќе го направи овој турнир посебен“ – порачува шпанскиот голман на голот на Барселона.

Се вчитува...