Гонзало Игуаин – кошмарот на Наполи

Јувентус и Наполи ќе се сретнат вечерва во голема дерби пресметка, дуел што ќе го реши и прашањето на шампионот на Серија А. „Наполитанците“ влегуваат во овој натпревар со заостанување од четири бода зад „црно-белите“ од Торино, а ако сакаат истата да ја намалат ќе мора да најдат лек за нешто што досега не им успеваше – да го запрат Гонзало Игуаин.

Аргентинскиот ас по трансферот од Реал Мадрид блескаше во дресот на Наполи, постигнувајќи 36 гола на 35 натпревари за тимот на Маурицио Сари. А тогаш на сцена стапи „старата дама“, која со понуда од 90 милиони евра ја активираше неговата клаузула и го доведе во Торино. Големо предавство во очите на „наполитанците“, кои никогаш не му го простија тоа на „Пипита“, а тој додава сол на раната играјќи извонредно на секој натпревар против својот поранешен клуб.

Првиот дуел на Игуаин со Наполи беше на 29 октомври 2016 година, кога токму тој го реши дербито во Торино, со погодок на 20 минути до крајот. Аргентинецот тогаш реши да не слави, но бесот кај „наполитанците“ беше огромен.

Во сезоната 2016/2017 Јуве и Наполи се сретнаа и во полуфиналето од Купот на Италија. „Старата дама“ славеше со 3-1 во Торино, а Игуаин го постигна вториот погодок, првиот и третиот беа дело на Дибала од пенал.

Единствениот меч со „наполитанците“ на кој не успеа да постигне гол е дуелот во Неапол во април 2017 година, што заврши 1-1. Три дена подоцна двата тима пак се сретнаа на „Сан Паоло“, кога Игуаин беше двоен стрелец за Јувентус во реваншот од куп-полуфиналето, носејќи ја „старата дама“ во големото финале.

Наполи и Јувентус сезонава одиграа еден натпревар, „наполитанците“ влегоа во него како единствен непоразен тим до тој момент во сезоната, но Игуаин беше човекот што им пресуди, постигнувајќи го голот за победа на „старата дама“.

Пет натпревари, пет гола – затоа е јасно дека ако Наполи сака да стигне до позитивен резултат вечерва, ќе мора најпрвин да најде начин да го неутрализира Гонзало Игуаин.

Се вчитува...