Ѓоре Јовановски: Мечот со Ренова е урнек како не треба да играме во иднина

Работнички имаше лош старт на новата сезона во Првата фудбалска лига. Загуби на домашен терен од Ренова со 3-4, а самиот резултат отсликува дека одбраната не беше на посакуваното ниво.

Тренерот Ѓоре Јовановски, нормално, не е задоволен од изданието, вели дека се повториле речиси истите грешки од поразот против Хонвед во Унгарија.

„Одигравме лош натпревар, тоа е повеќе од јасно. Честитки за екипата на Ренова, тие заслужено ги освоија бодовите, но јас мислам дека ние им подаривме три од четирите гола поради наши грешки. И што е уште полошо, ова ни се случи и на гостувањето против Хонвед, во реваншот од Лигата на Европа. Ќе ги анализираме сите ситуации и такви грешки не смеат да ни се повторуваат. Ако има нешто добро во овој лош старт, тоа е дека е само прв меч и почеток на првенството, а ова наше издание треба да биде урнек како да не играме во иднина“, вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски.

Се вчитува...