Александар Ѓорѓевиќ е главен кандидат за тренер на Партизан за наредната натпреварувачка сезона, гласи „бомбата“ што ја објави денеска српскиот весник „Курир“ повикувајќи се на извори од управата на белградскиот клуб. Ѓорѓевиќ дел од своите најблескави моменти во играчката кариера ги мина токму во дресот на Партизан, со овој клуб во 1992 година стана и европски првак, а прославениот плејмејкер сега сериозно ја разгледува можноста за враќање во Белград како тренер на „црно-белите“.
Тој моментно е стратег на Виртус Болоња, но јасно е дека нема да остане на оваа функција и за наредната сезона, особено по фијаското во Еврокупот каде иако имаше убедливо најголем буџет за играчи сепак не успеа да влезе во финалето и да обезбеди промоција во Евролигата. Италијанскиот гигант веќе почна потрага по нов стратег, како јасен знак дека Ѓорѓевиќ наскоро ќе си замине од Болоња.
Важен фактор во преговорите Ѓорѓевиќ – Партизан се очекува да биде Зоран Савиќ, соиграчот од шампионската 1992 година кој од пред неколку месеци е спортски директот на „црно-белите“ и кој е оптимист дека ќе успее да го убеди Ѓорѓевиќ да застане на кормилото на тимот. Иако има катастрофална сезона во АБА-лигата, Партизан ќе добие тригодишна загарантирана лиценца за настап во Еврокупот, се најавува и зголемен буџет за новата сезона, што би можело да биде примамливо за Ѓорѓевиќ да прифати да седне на клупата на својот поранешен клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА