Ѓорѓи Стоилов е замената за Емини во Македонија ЃП

После само шест месеци минати во таборот на Шкупи, Ѓорѓи Стоилов се приклучи на екипата на Македонија ЃП. Играчот од средниот ред ќе биде замената за Сефер Емини во таборот на ѓорчепетровци, кој замина во дански Сондерјиске.

Стоилов покрај Шкупи, играше и во Академија Пандев и Хоризонт Турново, а кратко беше и во азербејџанска Зира. На почетокот на годинава се врати во мак-фудбалот и потпиша за Шкупи, но неговата авантура беше неуспешна, па така летово тргна во потрага на нов ангажман. Беше блиску до „кам-бек“ во Академија Пандев, но на крајот се одлучи да се приклучи на „лавовите“.

Стоилов има и еден настап за најдобрата репрезентација на Македонија, додека настапи и за речиси сите младински селекции на нашата земја.

Се вчитува...