Ѓоргиев: Да го креваме нивото на игра на секој натпревар

Натпреварот против Летонија в среда е следниот предизвик за македонската одбојкарска репрезентација во групната фаза од Сребрената Европска лига. Нашите најдобри одбојкари во натпреварувањето влегоа со победата над Косово. Во триумфот помалку изненадувачки Македонија го загуби почетниот сет.
Реакцијата на моите соиграчи по загубениот сет е она што ме радува по воведниот натпревар  во кој го совладавме Косово“ – вели капитенот на нашиот национален тим, Никола Ѓоргиев. Тој имаше 31 поен во четирите одиграни сета и беше лидер на екипата особено во вториот сет кога нашиот состав почна да се движи кон победата.
„Иако првото место во групата не ни е приоритет, сепак сакаме да победуваме. Во тој контекст ме радува победата над Косово, мене како капитен тоа ми беше важно, да ги намалиме грешките и да се обидеме да го креваме нивото на игра во секој натпревар“ – вели Ѓоргиев.
Во првото коло од прелиминарната фаза, репрезентацијата на Летонија забележа гостински триумф на Австрија. В среда нашиот тим гостува кај Летонците.
„Триумфот на Летонија над Австрија за мене е големо изненадување, а тоа е и обврска за нас да одиграме добро во Рига и да се обидеме да победиме“ – порачува капитенот пред патувањето на второто гостување во групниот сегмент. 
Првиот натпревар на домашен терен, македонските одбојкари ќе го одиграат в недела против Австрија.
Сите дуели од групната фаза за нашиот тим имаат подготвителен карактер за завршниот турнир на четирите најдобри екипи бидејки македонската репрезентација има загарантиран пласман со оглед дека Скопје ќе биде домаќин на Ф4 турнирот.

Се вчитува...