Ѓорѓиев: Желбата за злато останува, иако од година во година сме се помлади

Македонските одбојкари ги финишираат подготовките за стартот на настапот од Европската лига, закажан за недела на гостински терен против селекцијата на Косово. Капитенот Никола Ѓорѓиев со нетрпение го очекува стартот, мотивиран по бројните сребрени медали во ова натпреварување конечно да се искачи на највисокото место од пиедесталот.

„Работиме напорно, можам да кажам дека имаме извонреден селектор кој добро знае што сака и како да го извлече најдоброто од секој од нас. Од година во година сме се помлади, ако споредите со финалето од пред неколку години сега сме останати само пет-шест одбојкари што тогаш настапуваа во Европската лига. Сепак, тоа не ги менува нашите амбиции, работиме напорно на секој тренинг свесни за зацртаната цел – конечно да се искачиме на врвот и да го освоиме толку посакуваниот златен медал. Знам дека нема да биде лесно, но верувам во нас. Ме радува и што младите покажуваат огромен елан за работа на тренинзите, сакаат да учат и да напредуваат, а тоа е основен предуслов за да прераснат во квалитетни одбојкари“ – истакнува Никола Ѓорѓиев.

Најдобриот македонски одбојкар во текот на вчерашниот ден го објави и својот нареден чекор во кариерата, враќање назад во Јапонија со потписот за екипата на Сакаи блејзерс.

„Сметам дека тоа е најдобра опција за мене во моментов, се враќам во земја каде се чувствувам прекрасно, што ми нуди мирен живот на мене и моето семејство. Имав зацртано пред себе да настапувам во секоја од елитните европски лиги, ете ја минав и Полска, каде преладните зими беа причина воопшто да не размислувам за останување. Од истата причина сега од комбинација ми отпаѓа и Русија, а од неколкуте понуди што ги добив најдобра беше онаа од Сакаи, па ја прифатив за неоптоварен од барање на клупски ангажман да се посветам целосно на репрезентативните обврски“ – вели Ѓоргиев.

Се вчитува...