Илчо Ѓорѓиоски не е повеќе тренер на грчкиот второлигаш Каламата. Тој пред неколку дена добил отказ од раководството на клубот, и заедно со помошникот Владимир Димитровски не се повеќе дел од овој тим. Негов последен меч беше против Калитеа кој го загуби со 0-1.
Меѓутоа во грчките медиуми Ѓорѓиоски жестоко го критикуваше раководството на клубот, велејќи дека цело време се менувале амбициите на екипата во текот на неговото 3,5 месечно водење на клубот, и обвини дека „новинар“ го води клубот. Исто така кажа дека никој не го известил за смената.
„Кога разговаравме по доаѓањето, ми кажа дека првенството е загубено и да правам тим за следната сезона. После 1,5 месец се беше фрлено во вода. Мислев дека има план. Организациски се катастрофа. Одиме на Крит и патуваме 15 часа за натпреварот. Само на два меча отидовме ден претходно. Теренот каде што тренираме е катастрофа. Веќе 2,5 месеци работиме без анализа. Тоа е исто како да возите со затворени очи. Потоа никој не ме извести дека ќе ми биде раскинат договор, туку прочитав од медиумите. Навистина разочарувачки“, вели Ѓорѓиоски.
Тој кажа дека од управата му било побарано да не игра фудбалер, и дека екипата ангажирала играчи без негово знаење.
„Пред натпревар ми велат ‘не го играј Асигба, и не прашувај зошто’. Сите зборуваат со претседателот и му кажуваат што сакаат, луѓе на кои не треба да им верува, се создаваше погрешна слика. Не можам да верувам како новинар има големо влијание врз него“, вели Ѓорѓиоски и додава:
„Не се знае кој носи играчи. Кога дојдов никој не ми кажа дека дошле две нови имиња. Беа ангажирани пет напаѓачи, а ниту еден играч од средниот ред. Тоа е исто како Манчестер Сити да има пет играчи како Халанд, а ниту еден Де Брујне. Нема рамнотежа како тим. Тука и Мурињо да дојде, не може да направи тим“, изјави Ѓорѓиоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА