Ѓорѓиоски во посета на Мароко и на Северна Америка за СП 2026

Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, во следните десетина дена ќе патува во Северна Америка и во Мароко, како дел од комисијата што ќе има одговорна задача – да ги утврди условите што ги нудат земјите кои се кандидираат за домаќини на СП 2026.

До ФИФА стигнаа две официјални кандидатури, едната заедничка на САД, Канада и на Мексико, и втората самостојна на Мароко, по што комисијата на светската куќа на фудбалот во следните денови ќе биде гостин на потенцијалните домаќини на мундијалот што ќе се одржи по осум години.

Заедно со Ѓорѓиоски, кој е претставник на организацискиот комитет за натпреварување, во оваа комисија се наоѓа и хрватската фудбалска легенда Звонимир Бобан, потоа Марко Вилигер, Томаш Весел и Мукул Мудгал.

Според предвидената програма, овие петмина најпрвин ќе патуваат за Северна Америка, каде на 9 и 10 април ќе го посетат Мексико Сити, по што ќе следат и инспекции во Атланта, Торонто, Њујорк и Њу Џерси. Посетата на овој континент завршува на 13 април, по што Ѓорѓиоски и соработниците на 16 април ќе заминат за Мароко, каде ќе ги посетат Маракеш, Агадир, Тангиер и Казабланка.

Како што информира ФИФА, по извештајот за евалуација на двете кандидатури што ќе го подготви оваа комисија, конечната одлука околу домаќинот на СП 2026 ќе биде донесена на Конгресот на светската куќа на фудбалот што ќе се одржи на 13 јуни во Москва.

Се вчитува...