Гостивар без Сегариќ на третото полуфинале со МЗТ Скопје

Гостивар има негатива од 0-2 во полуфиналната серија против МЗТ Скопје, а згора на тоа гостиварци ќе бидат дополнително ослабени на денешниот трет натпревар (СЦ „Јане Сандански“ во 17.30 часот). Хрватскиот плејмејкер Јуре Сегариќ поради суспензија нема да му биде на располагање на тренерот Србиновски, откако беше казнет поради конфликтот со публиката на вториот натпревар во Гостивар.

Согласно правилникот, Гостивар имаше можност со плаќање на 30.000 денари да ја замени суспензијата со парична казна, како што тоа го стори при казната на Димчевски во пресрет на првата полуфинална средба. Сепак, овојпат гостиварци решија да не создаваат дополнителни трошоци, па Сегариќ нема да може да настапи на денешниот дуел, на кој пораз ќе значи и дефинитивен крај на сезоната за Гостивар.

Во второто полуфинале, со почеток во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ шампионот Работнички ќе ја пречека Блокотехна во обид да се одмазди за убедливиот пораз во вторничкиот дуел во Гевгелија.

Се вчитува...