Гостивар го испоти Работнички, но немаше сили за пресврт

Кошаркарите на Работнички стигнаа до нова победа, вкупно 28. за нив во 29 натпревари на елитната македонска кошаркарска сцена. Избраниците на Марин Докузовски вечерва гостуваа во Гостивар, каде се соочија со неочекувано големи проблеми, триумфирајќи со 69-74. Слично како и на првиот овосезонски дуел меѓу овие два тима во Гостивар, Работнички водеше, домаќините се враќаа, но на крајот сепак немаа сили за целосен пресврт и бодовите заминаа кај гостите од Скопје.

Помалку од три минути им беа доволни на гостите од Скопје да стигнат до двоцифрена предност (0-11), за потврда на решеноста да се продолжи со победите иако првото место во плејофот е веќе обезбедено. Тренерот Докузовски повторно имаше можност да ја подели минутажата и дополнително да ги воигра новите засилувања Караџовски и Еванс, Работнички, триесетина минути лесно го контролираше резултатот, на полувреме замина со 30-41, а потоа во раната фаза од третата четвртина стигна и до „плус дваесет“ (32-52).

Гостивар одлично го почна последниот период, Работнички три минути беше без постигнати поени, па Докузовски побара тајмаут кога разликата се спушти под десет поени (52-61). Искусниот стратег сепак не успеа да го запре налетот на противникот, кој набрзина дојде и на „минус четири“ (60-64). Ситуацијата дополнително се искомпликува по неспортската лична грешка досудена на Мираковски, по која Гостивар стигна до 64-66. Кога беше најважно тројка погоди Мираковски, по што Чековски украде топка на спротивната страна, па Работнички многу потешко од очекувањата стигна до триумф, изразен со конечни 69-74.

Андреј Магдевски беше извонреден со 24 поени, осум асистенции и седум скокови кај гостиварци, додека најефикасни кај Работнички беа Костов со 13 и Чековски со 12 поени.

Се вчитува...