Гостивар го потпиша Ефремовски, ќе остане ли некој во Работнички?

Виктор Ефремовски е првото засилување на Гостивар за наредната сезона откако тимот предводен од Алек Јончевски ги договори условите за соработка со одличниот шутер, кој неколку години наназад беше дел од Работнички, но не доби преголема минутажа во дресот на „центарци“.

Ефремовски е роден во Гостивар, што беше еден од факторите поради кои овој кошаркар реши да ја прифати понудата на гостиварци за едногодишна соработка, со можност за продолжување на договорот на уште една дополнителна сезона. Во дресот на Гостивар тој ќе го наследи Ивица Димчевски, кој по неколку години минати во дресот на „син0-белите“ реши да ги промени клупските бои. Гостиварци од претходно потпишаа нови договори со браќата Димитриевски, како и со искусните Костоски, Јанески и Тодоровиќ.

Заминувањето на Ефремовски е уште еден доказ за големите проблеми со кои се соочува Работнички. Најтрофејниот македонски клуб го именуваше Тони Симиќ за нов тренер, но „центарци“ немаат ниту еден играч под договор. Младеновиќ веќе потпиша со Пелистер, Ефремовски замина во Гостивар, за Кире Николовски сериозна понуда веќе испрати Кожув, а клубот од Гевгелија сака да го врати и Караџовски.

Се вчитува...