МЗТ Скопје стигна до значајни бодови во дербито на колото против Гостивар, триумфирајќи на тешкото гостување со резултат 61-74. Гостиварци беа максимално мотивирани во пресрет на овој меч, дополнително засилени за Бојан Трајковски, но изгореа во преголемата желба, му дозволија на противникот уште во првото полувреме да стигне до двоцифрена предност и потоа не успеаја да се вратат во мечот. Проектилите на Марко Симоновски беа пресуден фактор во моментите кога се кршеше резултатот, како предупредување дека МЗТ е главен фаворит за одбрана на куп-трофејот, на завршниот турнир што следниот викенд ќе се игра во Гевгелија.
Гостиварци почнаа со неколку промашени шутеви, но Тасовски ја презеде одговорноста, погоди две тројки во серија, по што Еифинаи донесе минимална предност од 10-9. Сепак, во преостанатите четири минути од првата четвртина Гостивар постигна само уште четири поени, додека во таборот на МЗТ блесна Марко Симоновски, кој постигна три тројки во серија и му донесе на вицешампионот предност од 14-20 по десет минути игра.
Симоновски реализираше уште една тројка на самиот почеток од вториот период, за МЗТ првата двоцифрена предност да ја стекне веќе во 13. минута, кога Иванов беше прецизен за водство од 16-27. Костоски постигна две тројки во серија за гостиварци, но ситуацијата на теренот не се промени бидејќи домаќините се мачеа во одбраната, па „металците“ рутински ја одржуваа предноста и на одмор заминаа со одлични 14 поени предност.
Второто полувреме почна со тројка на Бојан Трајковски, негова прва во дресот на Гостивар, но тоа беше само моментен блесок бидејќи не успеа да ја врати самодовербата во таборот на домаќините. МЗТ Скопје влезе во криза во нападот кон средината на третата четвртина, но домашниот тим не успеа да ги искористи тие „црни минути“ на гостинскиот состав. По бројните промашувања на „металците“, серијата ја прекина Марко Симоновски со својата петта тројка на натпреварот, принудувајќи го Србиновски да побара тајмаут.
Ситуацијата не се промени, па МЗТ искусно ја контролираше ситуацијата, влегувајќи во последните десет минути со предност од 44-58. Разликата ниту во четвртата четвртина не се спушти под десет поени, па гостите од Скопје рутински го приведоа мечот до крајот, до конечните 61-74.
Иванов и Симоновски со по 17 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје, Младеновски постигна 15, додека Костоски со 19 поени беше најдобар поединец во таборот на Гостивар. Бојан Трајковски на дебито за новиот клуб за 23 минути игра реализираше три поени и шест скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА