Гостивар имаше лесен тренинг во Битола

Чуден е распоредот што го одредува Комесарот при МКФ, па на половина неодиграни средби од 19. коло (три меча се играат попладнево и вечерва), во 14. часот се почна со натпревари од 20. рунда во Првата лига. Пелистер и Гостивар го отворија ова 20. коло во Битола, при што гостинскиот тим без многу мака рутински стигна до победа од 69-97.

Денешниот меч се покажа како полесен тренинг за избраниците на Марјан Србиновски, на кои им требаа само пет-шест минути за да наметнат темпо што домаќините нема да можат да го следат. Пелистер парираше со 12-13, з апотоа гостиварци да ја преземат контролата над играта и резултатот и да ја завршат четвртината со двоцифрена предност (17-27). Битолчани одиграа „егал“ само во втората четвртина (17-19), за потоа во третиот и во четвртиот период Гостивар уште повеќе да ја зголеми предноста и на крајот заслужено да триумфира со 28 поени разлика.

Гостите погодија 16 тројки од 35 обиди, а најефикасни беа Димчевски со 20 и Костоски и Трајковски со по 15 поени. Кај Пелистер најдобар стрелец при денешниот пораз беше Билер со 30 поени.

Се вчитува...