Гостивар ја прекина „црната серија“ и ја „освои“ Кисела Вода

Кошаркарите на Гостивар по тешка битка успеаја да слават на гостувањето во Кисела Вода против Академија ФМП со резултат 58-67, прекинувајќи ја “црната серија“ по двата порази од Куманово и од Пелистер. Избраниците на тренерот Србиновски и вечерва се мачеа да влезат во ритам, но покажаа карактер, враќајќи се од негатива од „минус девет“ во третата четвртина.

Гостиварци благодарение на искусниот Таровски во последните две и пол минути од третиот период направија серија од 7-0 и се вратија целосно во мечот, за потоа во неизвесна завршница да го скршат отпорот на новиот прволигаш. Домаќините, кои сезонава веќе го совладаа Работнички, имаат за што да жалат бидејќи на половина од последната четвртина водеа со 53-52, но до крајот на мечот постигнаа само пет, а примија 15 поени, по што поразот беше неизбежен.

Џелетовиќ со 18 и Димчевски со 13 поени беа најефикасни кај победничкиот тим, додека Херис со 13 поени беше прв стрелец на Академија ФМП.

Се вчитува...