Ивица Димчевски ќе може да настапи за Гостивар на првиот полуфинален натпревар против МЗТ Скопје и покрај суспензијата од еден меч што му беше изречена на поранешниот репрезентативец поради техничката грешка заработена во последното суперлигашко коло.
Димчевски покрај паричната казна од 8.000 денари беше казнет и со еден натпревар неиграње, но со новите пропозиции кои важат од сезонава, клубот има можност да ја „исплати суспензијата“ со парична казна – во случајов од 30.000 денари. Гостиварци во ситуација кога имаат мака со повредени кошаркари решија да ја платат казната од неполни 500 евра, по што Димчевски се здоби со право за настап од почетокот на полуфиналната серија со МЗТ Скопје.
Разочарувачки, двете полуфинални серии почнуваат в недела во Скопје, и тоа дури и со поклопување на термините.
Работнички ќе го пречека тимот на Блокотехна со старт во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“, додека МЗТ Скопје и Гостивар својата полуфинална серија ќе ја почнат в недела во 20.15 часот во СЦ „Јане Сандански“. Вторите натпревари од полуфиналните серии ќе се играат во вторник, во Гевгелија и во Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА