Гостивар потфрли кога беше најпотребно – МЗТ Скопје со гранитна одбрана до полуфиналето во Купот

МЗТ Скопје е вториот патник во полуфиналето од Купот Благоја Георгиевски – Буштур откако славеше над Гостивар со 87-85 во интересен натпревар. По изедначеното прво полувреме гостиварци одиграа одлично во нападот и одбрана со што стигнаа до двоцифрена предност, но целосно потфрлија во последните десет минути во кои постигнаа само пет поени за осум минути игра.

И покрај тоа Гостивар имаше шанси за победа, ним им припадна и последниот обид на мечот, но Димитриески не успеа со звукот на сирената да го совлада скопскиот гигант.

Натпреварот започна во изедначено темпо уште од самото отварање. МЗТ Скопје и Гостивар одлично се најдоа во нападот каде погодуваа во рекетот, ги служеше и шутот за три поени па и покрај тоа што двата тима имаа позитива од пет поени во текот на првата четвртина по крајот на истата на семафорот стоеше резултат 24-24. Истиот ритам продолжи и до крајот на првото полувреме, преку мини-сериите „сино-белите“ состави успеваа да стигнат до минимална предност, но ниту аеродромци ниту гостиварци не успеаја да наметнат свој ритам па на крајот на првите 20. минути резултатот да изнесува 48-47.

За разлика од изедначеното темпо во првото полувреме, отварањето на второто беше целосно во знакот на Гостивар. Избраниците на Јончевски го затворија рекетот, одиграа одлично и во нападот каде реализираа за три, најдоа и продор под обрачот преку одличниот Ворку па брзо стигнаа до двоцифрена предност (50-60). МЗТ Скопје потфрли во протокот на топката и се базираше на индивидуалните квалитети на Милошевиќ, кој и покрај тоа што го одржуваше својот тим во живот промаши зицери, но и гостиварци имаа за што да жалат бидејќи и покрај тоа што имаа повеќе шанси да ја зголемат предност не успеаја во намерите.

Тоа го искористи МЗТ Скопје кој навремено ги консолидираше своите редови, заигра подобро во одбраната каде функционираше ротацијата, а најде решение и во рекетот на гостиварци па по 30. минути игра ја врати негативата од само еден напад (68-71).

Kако што одминуваше натпреварот „штрковите“ продолжија да играат на ниво во одбрана со која ја запреа и високата реализација на Гостивар. Постот на гостиварци во нападот траеше шест и пол минути, а тоа знаеше да го казни искусниот состав од Аеродром кој прво преку Робев стигна до водство, а потоа ја зголеми предноста од линијата за слободни фрлања, за Дамјан Стојановски со положување да донесе двоцифрена предност (82-71). Истиот го прекина Ефремовски по што „сино-белиот“ состав влезе во серија зад линијата 6,75 за експресно враќање во мечот, а со украдената топка и положувањето на Ворку стигна на 84-83.

Сепак враќањето на гостиварци дојде предоцна, а близнаците Стојановски од линијата за слободни фрлања донесоа предност од 85-83 на неколку секунди пред крајот по што Димитриески се обиде со тројки во звукот на сирената да донесе голема победа, но не беше успешен во обидот за славје на аеродромци.

Адем Мекиќ беше лидер на МЗТ Скопје со 19 поени и 7 скока, 18 поени дополни Рикиќ, додека со 17 поени и 9 скока мечот го заврши Крстевски. Ворку беше лидер на Гостивар со 27 поени и 7 асистенции, 20 поени постигна Ефремовски, додека по 14 поени постигнаа Тодоровиќ и Димитриески.

Се вчитува...