Гостивар „во пакет“ ги доведе Михајлоски и Јанески од Охрид

Гостивар славеше на отворањето на новата сезона против Кожув, но амбициозната управа продолжи со доведување на нови кошаркари со кои оваа екипа би си ги зголемила шансите за висок пласман.

Така, од денеска нови членови на гостиварци се Слободат Михајлоски и Бранко Јанески, кои доаѓаат во редовите на овој клуб од Охрид, тим за кој лани настапуваа и во АБА2 лигата. Станува збор за двајца играчи кои потекнуваат од гостиварската школа и овој трансфер за нив всушност преставува враќање „дома“. Михајлоски низ кариерата има настапувано и за Фени индустри, Работнички и Охрид, враќајќи се назад во Гостивар по 13 години пауза.

31-годишниот Јанески својата кариера ја стартуваше токму во овој клуб, по што замина за МЗТ Скопје. Тој во меѓувреме го носеше и дресот на Фени индустри, АБА Струмица, Т Баскет Тетово и на Охрид, пред враќањето во матичниот клуб.

Двајцата кошаркари од денеска ќе му се стават на располагање на стручниот штаб на чело со тренерот Србиновски, а се очекува и да се појават во тимот на неделното гостување против Куманово.

Се вчитува...