Гостивар запре во последната четвртина, Еуро Никел дојде до победа

Вицешампионот Еуро Никел со триумф од 88-77 над Гостивар ја отвори новата сезона во македонската кошарка. Во поголемиот дел од натпреварот на теренот преовладуваше изедначено темпо, а отпорот на гостинскиот состав беше скршен во последните шест и пол минути кога добрата одбрана на кавадарчани донесе серија од 14-0 со која беше осигурана победата.

На крилјата на Самарџиски и неговите девет поени Еуро Никел ја превзема иницијативата на почетокот на натпреварот и поведе со 11-2, но домаќините не успеаја да го задржат ритамот. Тоа го искористи Гостивар кој влезе во серија преку Ефремовски и Јанески за превземање на водството (14-15), по што до крајот на првата четвртина следеше изедначена игра, а гостите беа оние кои по 10. минути имаа предност до еден напад (21-24). Изедначената игра продолжи и до крајот на првото полувреме, но овој пат на паузата оној кој што замина со предност од еден напад беше Еуро Никел (46-44).

Стекнатата предност домаќините успеаја да ја задржат и во поголемиот дел од третата четвртина, но при резултат 61-58 Гостивар успеа да направи серија од 10-2 со што пред одлучувачката четвртина го врати водството во своите редови (67-72). Добриот моментум на гостите продолжи и на отварањето на последната четвртина, но тука запре нападот на гостите кои шест и пол минути не успеаја да постигнат поени, а тоа го искористија избраниците на Самарџиев кои со серија од 14-0 приредија крај на натпреварот.

Предраг Самарџиски дебитираше во дресот на Еуро Никел со 21 поен и 4 скока, него го следеше Дарко Соколов со 18 поени, 6 скока и 6 асистенции, додека 16 поени и 5 асистенции забележа Калахан. Виктор Ефремовски и Александар Тодоровиќ беа лидерите на Гостивар со по 21 поен, 14 поени и 5 скока запиша Марјан Јанески, додека со 11 поени и 4 асистенции натпреварот го заврши Ворку.

Се вчитува...