Готчер пред Широки: На МЗТ му е потребна константност

По поразот на првиот натпревар од составот на Подгорица, избраниците на Ѓорѓи Кочов ја консолидираа играта и стигнаа до посакуваниот триумф над Сутјеска. МЗТ Скопје немаше многу време за одмор, бидејќи веќе денеска ги очекува нов дуел, овој пат против Широки (21 часот).

Тимот од Аеродром се соочува со осцилации и пад во играта кој на првиот натпревар ги чинеше победа, додека пак на вториот истиот беше навреме надминат. Сепак оваа појава што побрзо треба да се надмине за „сино-белите“ да одиграат на посакуваното ниво.

„Мораме да одиграме енергично во сите 40 минути. Секој посед е важен и започнува во одбраната. Со добрата одбрана доаѓа и добриот напад“ – изјави за ЕКИПА, Тодрик Готчер.

Пред „штрковите“ е противник кој во досегашниот дел одигра еден официјален натпревар, првиот го доби службено со 20-0, додека пак на вториот дуел загуби од Златбиор. Клучно за македонскиот претставник ќе биде затварање на рекетот и оневозможување на скокот во напад на противникот.

„Играме против добар тим за кој добро се припремаме тактички и сме спремни за борба на паркетот. Ова е исклучително важен натпревар за нас и спремни сме енергично да излеземе на паркетот“ – додаде Американецот.

 

Се вчитува...