Готово е: Кампацо доаѓа во Црвена Звезда

Црвена Звезда го осигура потписот на еден од најдобрите плејмејкери во светската кошарка во моментов, договарајќи ги условите со Факундо Кампацо.

Долгогодишниот плејмејкер на Реал Мадрид имаше кратка и неуспешна авантура во НБА-лигата, а по  неговата желба за враќање во Европа најконкретни беа челниците на шампионот на АБА-лигата. Понудата од 1,8 милиони евра до крајот на сезонава беше испратена пред десет дена, по што Реал имаше опција да ја израмни и да го врати Аргентинецот во Мадрид.

„Кралевите“ сепак се решија да не го сторат тоа, по што Црвена Звезда влезе во завршни преговори со неговиот агент Марко Јелиќ, за синоќа да биде постигнат целосен договор. Во него има опција за останување и наредната сезона, за плата од 2,5 милиони евра, но и можност Кампацо да си замине во друг клуб за минимална отштета од само 50.000 евра.

Едно е сигурно, „црвено-белите“ по Вилдоза добиваат уште едно извонредно засилување за бековската линија, со кое ќе атакуваат на трофејот во АБА, но и најмалку на четвртфинале во Евролигата.

Се вчитува...