Гоце Георгиевски: Лошиот старт на сезоната не значи ништо, Загреб е шанса да покажеме кои сме

Македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски е сигурен дека Вардар ќе биде на далеку повисоко ниво од натпреварите на стартот од новата сезона. Ф4 турнирот од СЕХА лигата во Задар е повеќе од одлична можност „вардарци“ да го демонстрираат лицето посакувано од сите нивни навивачи.

„Вардар е сега нова екипа, со многу нови ракометари по очекувано треба да мине период секој од нас добро да се вклопи. Најважно е тимот да игра компактно, искрено мислам дека како минува времето сме се повоиграни, се повеќе се запознаваме меѓу себе и веруваме дека ќе биде многу подобро“ – вели Георгиевски.

Загреб е добро познат противник…

„Да, не е некоја непозната за нас. Се работи исто така за тим кој има промени пред новата сезона, со нов тренер и млад состав… Очекувам борба, нема публика, нема домашен или гостински терен, мислам дека ќе биде неизвесен натпревар и Вардар ќе се пласира во финалето. Како нов играч во Вардар презадоволен сум од условите кои ги имаме и начинот на работа низ подготовките. Слабиот старт не мора ништо да значи, долга е сезоната, треба време да се наместат коцките и сигурен сум дека резултатите ќе дојдат“ – истакнува Георгиевски.

Вардар против Загреб игра утре со почеток од 18:30 часот во второто полуфинале на Ф4 турнирот од СЕХА. Во првото полуфинале се соочуваат Веспрем и Брест Мешков.

Се вчитува...