Град Скопје ги плаќа долговите на Самсоненко за да се спаси Вардар

Досегашниот сопственик на ФК Вардар, Русинот Сергеј Самсоненко досега не исполни ниту едно од дадените ветувања за подмирување на наталожените долгови на клубот, па на крајот Град Скопје, согласно последниот договор со навивачите и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП), ќе ги плати основните долгови како би се деблокирала сметката на најтрофејниот македонски клуб во желбата за нормално функционирање до крајот на сезоната.

Повторно земајќи го ФК Вардар под своја закрила, наспроти крајно некооперативниот однос од страна на досегашното раководство кое всушност е единствено виновно за ситуацијата до која се доведени црвено-црните, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, најави дека Градот ќе го покрие долгот од околу 100.000 евра на ФК Вардар кон АДССДП за користење на националната арена „Тодор Проески“, со што ќе биде одблокирана сметката на клубот. Согласно договорот од страна на државните институции ќе биде простена и каматата наталожена од долговите, во висина од 60.000 евра.

Самсоненко и неговото раководство изминатиов период постојано го потенцираа долгот кон АДССДП како главен проблем за расчистување на состојбата во Вардар. Откако веќе ќе го нема тој проблем, очекувањата сега се, како што и ветија, до крајот на актуелниот месец да ги подмират останатите долгови, меѓу кои и заостанатите плати кон фудбалерите за да се стабилизира состојбата и во тимот.

Со помош од надлежните институции, пак, се очекува активација на државните ваучери со што ФК Вардар би останал со околу 200.000 евра на располагања за реализација на подготовките и доведување засилувања како екипата би се изборила за опстанок сезонава, се до доаѓањето на нови инвеститори и комплетна стабилизација на „црвено-црните“. Токму на таа тема денеска ќе има средба на претставници на Град Скопје, предводени од поранешниот генерален менаџер на Вардар, Драган Томовски, со фудбалерите и тренерите на клубот како би се стартувало со подготовките за пролетниот дел од шампионатот.

Во меѓувреме, како што претходно информираше ЕКИПА, ќе се трасира патот за влез и на катарските инвеститори во клубот, кои треба да го преземат раководењето со ФК Вардар, како дел од сериозни инвестиции во Македонија кои се во рамките на договорите со Владата. Според нашите информации, новите катарски инвеститори, се согласиле во наредниот десетгодишен период во ФК Вардар да вложат 50 милиони евра.

Се вчитува...