„Градски парк“ освоен од аеродромската армија

МЗТ Скопје му се реваншираше на Работнички за поразот во Аеродром во првиот дел од сезоната, триумфирајќи со 70=74 на денешното вечно дерби одиграно во „Градски парк“. Аеродромци беа подобар противник во поголемиот дел од мечот, максимално користејќи ја покусата ротација на домашниот состав што на крајот се покажа како пресуден фактор. Ветеранот Мираковски го врати Работнички од загубена ситуација во третата четвртина, но „црвено-белите“ немаа сили за целосен камбек, претрпувајќи го првиот домашен терен, вкупно втор сезонава.

Дербито почна со тројка на Чавдар Костов, по што двата тима се соочија со проблеми со реализацијата на шутевите. За среќа на МЗТ Скопје, одличен во борбата под кошевите беше Предраг Самарџиски, кој доминираше во скоковите создавјаќи им огромни проблеми на високите кошаркари на Работнички. МЗТ во втората четвртина поведе со 16-22, но Бобан Стајиќ постигна осум поени во низа и го принуди гостинскиот тренер на тајмаут. Во меѓувреме трета лична грешка заработи Чавдар Костов, па Докузовски беше принуден да се обиде со зонска одбрана да го неутрализира нападот на МЗТ и да го задржи бугарскиот интернационалец на теренот.

На одмор се замина со резултат 35-39, а потоа МЗТ Скопје фуриозно влезе во второто полувреме, стигнувајќи и до првата двоцифрена предност (37-47). Аеродромци имаа и „плус дванаесет“ (37-49), но потоа Димитар Мираковски реализираше дури 14 поени во низа за Работнички и актуелниот првак се врати во натпреварот. Со тројката на Симоновски третата четвртина заврши со водство на „сино-белите“ од 54-60, но домашниот состав со подобра игра во одбраната уште повеќе се приближи во последните десет минути.

Работниички не реализираше неколку напади при резултат 59-62, по што Соколов погоди важна тројка за МЗТ Скопје. Докузовски побара тајмаут по положувањето на Медфорд за 59-67, но актуелниот шампион немаше сили за камбек. „Црвено-белите“ се приближија на 65-69 и имаа напад, но Стојановски му украде топка на Чавдар Костов во клучниот напад за Работнички. Крстевски потоа погоди од одбојка за 67-70, па Соколов ја загуби топката при уфрлање (пет секунди) и Работнички доби „подарок“ за израмнување. Сепак, обидите за тројка на Костов и Мираковки не донесоа израмнување, Медфорд беше два пати прецизен од линијата за слободни фрлања, ставајќи точка на победата, изразена со конечни 70-74.

Иве Иванов со 22 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Самарџиски оствари дабл-дабл од 16 поени и 16 скокови, а Медфорд реализираше 13 поени. Кај Работнички најдобри поединци беа Крстевски со 19 и Мираковски со 18 поени, а големо разочарување беше Чавдар Костов, кој го заврши дербито со скромни пет поени и шут од игра 1/8.

Се вчитува...