Градскиот двобој – „црвено-црн“: Барсегјан и Брдаровски го решија Работнички (ФОТО+ВИДЕО)

Вардар го доби градскиот двобој со Работнички, славејќи со 0-2 на првиот меч од шестото коло во Првата фудбалска лига. Тигран Барсегјан во 29.минута и Владица Брдаровски во 63.минута, беа стрелци на головите за најтрофејниот македонски фудбалски колектив, кој после четири години успеа да ги совлада „романтичарите“.

Со овој триумф, „црвено-црните“ се искачија на првата позиција на табелата со 14 бода, во пресрет на утрешните мечеви од ова коло.

Во петтата минута, Благоја Тодоровски се обиде со удар од далечина, но не беше прецизен. Осум минути подоцна, Петар Петковски го проигра Недељковиќ, тој шутираше со левата нога од 12 метри, но крај голот на Гачевски.

Во 16.минута Тодоровски нафрли од десната страна, а Недељковиќ со волеј удар шутираше над голот. Работнички не успеа да отвори, а потоа стигна казната.

Но, во 29.минута, Тигран Барсегјан покажа како се користи првата шанса за погодок. Доби топка надвор од шеснаесетникот, си создаде простор за удар, и со прецизен шут од 17 метри успеа да го совлада Даниел Божиновски.

Работнички не успеа да возврати до крајот на првиот дел, а ниту во воведните минути од второто полувреме. Следеше нов удар од „црвено-црните“.

Во 63.минута, Владица Брдаровски продре по десната страна, шутираше откосо и успеа да ја затресе мрежата на „романтичарите“.

По ова, тимот на Ѓоре Јовановски комплетно падна. Не можеше конкретно да одговори, иако Филип Петковски имаше одлична шанса во самиот финиш. Вардарци сосема заслужено освоија три бода и се искачија на врвот на прволигашката табела.

Се вчитува...