Гранитната одбрана во последната четвртина го искачи МЗТ Скопје на врвот на АБА2

МЗТ Скопје ќе го заврши регуларниот дел на АБА2 лигата на првата позиција откако во дербито на првенството славеше над Борац Бања Лука со 80-73. Аеродромци мака мачеа триесет минути против составот на Драган Николиќ, но одиграа најдобро кога беше најпотребно. Аеродромци имаа двоцифрена негатива на влезот на последната четвртина, но дозволија само шест поени за повеќе од девет минути па стигнаа до двоцифрен број на победи на „Јадранот“.

Отварањето на средбата беше во знакот на центрите Рикиќ и Шешлија кои доминираа во рекетот, но како одминуваа минутите тимот од Бања Лука успеа да го заштити овој сегмент од играта и да го наметне својот ритам. Агресивната одбрана целосно го неутрализираше нападот на „сино-белите“ кои пет минути не успеаја да постигнат кош, не успеаја ни да го искористат брзото исполнување на бонусот на противникот, а Шешлија продолжи да го полни кошот на аеродромци па по 10. минути игра македонскиот состав имаше негатива од 15-22. МЗТ Скопје успеа да го најде напаѓачот ритам на отварањето на втората четвртина па брзо стигна до негативата од еден напад (21-24), но тајмаутот на Николиќ не дозволи целосен пресврт. По истиот следеше бркотница на теренот во која подобро се снајде Борац, но и тимот од Бања Лука не успеа да направи значајна разлика. Тоа го искористија аеродромци кои со тројките на Дејвис и Стојановски повторно се приближија, но недоволно за предност на полувремето (34-39).

 

МЗТ Скопје немаше одговор за Болдвин на отварањето на второто полувреме па Борац стигна до двоцифрена предност која по неспортската лична грешка на капитенот Стојановски се искачи на +16 (35-51). Аеродромци за повеќе од пет минути постигнаа само еден поен, но со влезот на Мекиќ на местото на Николов на момент се промени текот на мечот. Бекот успеа да стигне до поени во ситуација „еден на еден“, одигра и добро во одбраната против бековите на Борац, а нему му е се приклучи и Крстевски кој со 3+1 ја врати едноцифрената негатива (45-52). Сепак Кондиќ реализираше за три веќе во следниот напад за враќање на комотната предност, а добриот ритам на избраниците на Николиќ продолжи и до крајот на третата четвртина. За негативата да остане десет разлика (55-65) се погрижи Војдан Стојановски кој со две тројки на крајот на 30. минута остави надеж за аеродромци за враќање на мечот.

Во последните десет минути „сино-белите“ ја зацврстија одбраната со агресивност па стигнаа и до поени во рекетот за екпресно изедначување на резултатот (67-67), а изедначениот натпревар во кој акцентот беше ставен на одбраната продолжи и до самиот крај. МЗТ Скопје одигра одлично кога беше најпотребно, а тимот од Бања Лука немаше одговор за искусниот Војан Стојановски кој најде решение од полудистанца, беше сигурен и во реализацијата на слободните фралња, го разигра и Рикиќ па аеродромци поведоа со 77-70 на две минути пред крајот на мечот и ја осигураа десеттата победа во АБА2.

Војдан Стојановски со 25 поени и 6 асистенции беше лидер на МЗТ Скопје, додека него го следеше Рикиќ со 17 поени и 6 скока. Како двоцифрен со 11 поени мечот го заврши и Мекиќ. Болдвин беше лидер на Борац со 16 поени и 7 асистенции, додека Шешлија мечот го заврши со 14 поени и 7 скока.

Се вчитува...