Гранолјерс и Берлин во финалето од Лигата на Европа на ЕХФ

Гранолјерс и Фуксе Берлин ќе се сретнат во утрешното финале од Лигата на Европа на ЕХФ откако овие две екипи излегоа како победници од полуфиналните пресметки на фајналфор турнирот што се одржува во Фленсбург.

Првото полуфинале го имаше епитетот „финале пред финалето“, а во него Берлин по голема битка го совлада тимот на Монпелје со 35-29. Французите имаат за што да жалат бидејќи беа подобар ривал во голем дел од првото полувреме, прокоцкаа предност од 14-11 и на одмор се замина со израмнети 16-16. Ракометарите на Берлин потоа фуриозно го почнаа вториот дел, набрзина стигнаа до плус шест (19-25) и на крајот заслужено стигнаа до победата. Линдберг со осум гола беше најефикасен во победничкиот тим, додека поранешниот „вардарец“ Марсениќ одигра уште еден одличен меч, постигнувајќи шест гола од исто толку обиди.

Извонредната сезона на Гранолјерс во Лигата на Европа продолжи со нов триумф над германски тим, откако во четвртфиналето го елиминираа Фленсбург, ракометарите на шпанскиот тим вечерва беа подобри и од Гепинген, славејќи со 31-29. Гури со девет гола ги предводеше стрелците на Гранолјерс, а по шест погодоци реализираа Јусуф и Робледо.

Се вчитува...