Грешка во чекори – МЗТ Скопје со пораз се враќа од Бања Лука

МЗТ Скопје со пораз се враќа од АБА2 „балонот“ во Бања Лука откако загуби против лидерот на табелата, Студентски Центар со 92-75. Избраниците на Ѓорѓи Кочов го одиграа најдобриот тимски натпревар на овој турнир, меѓутоа преголемиот број на изгубени топки против искусниот состав, вкупно 21, беа пресудни за вториот пораз од тритте натпревари во Република Српска.

Одбраната беше во преден план на почетокот на натпреварот. МЗТ Скопје добро го заштити рекетот, но во брзата игра на двете страни од паркетот подобро се снајде Судентски Центар кој благодарение на шутот зад линијата 6,75 каде погоди пет тројки во првата четвртина поведе со 23-14. Добриот моментум на црногорскиот состав продолжи и на влезот на втората четвртина, преку добрата транзиција Студентски Центар стигна до 31-17, но аеродромци возвратија со одлична игра во одбраната која донесе плод и во нападот. Добриот проток на топката донесе отворени обиди кон противничкиот кош па „штрковите“ ја намалија негативата на 33-27. Избраниците на Кочов можеа дополнително да ја намалат предноста на противникот, меѓутоа преголемиот број на изгубени топки во првото полувреме, вкупно 12 беа пресудни за предноста од 40-33 на полувремето за тимот од Подгорица.

МЗТ Скопје енергично го отвори второто полувреме. Добрата одбрана на периметарот и под обрачот оневозможи лесни поени на Студентски Центар, а на спротивната страна добриот проток на топката носеше поени под противничкиот обрач. Во прав момент проработе и шутот зад линијата 6,75, па МЗТ Скопје го превзема водството (52-55). Почетничките грешки скапо го чинеа македонскиот состав, изгубените топки на Олуџоби ги казнуваа искусните играчи на црногорскиот состав па тимот од Подгорица по 30. минути игра имаше предност од 63-59. Добриот моментум на Црногорците продолжи и во последната четвртина, МЗТ Скопје не најде одбрана за шутот од полудистанца на противникот, па Студентски Центар повторно ја врати двоцифрената предност. Аеродромци до крајот на натпреварот се обидоа да фатат учинок, но преискусниот црногорски состав не дозволи изненадување, напротив дополнително ја зголеми предноста.

Хасани Гравет беше предводник на МЗТ Скопје со 21 поени, 5 скока и 5 изгубени топки, него го следеа Андрија Бојиќ со 13 поени и 3 скока и Дамјан Стојановски со 12 поени и 3 скока, а како двоцифрен натпреварот го заврши и Феми Олуџоби кој додаде 12 поени, 11 поени и 7 изгубени топки.

 

Се вчитува...