„Гризлите“ без шанса – Голден стејт е страв и трепет за ривалите

Голден стејт вориорс ја забележа и десеттата победа сезонава (10-1) откако актуелниот првак рутински славеше на дуелот со Мемфис гризлис со 117-101. Гостите успеваа да парираат на „воините“ само во првото полувреме (56-56), за потоа шампионот да направи серија од 26-6 во рок од осум минути во третата четвртина и да го реши прашањето на победникот.

Клеј Томпсон беше најефикасен со 27 поени, Дурант постигна 22, а Кари 19 во пресрет на дерби-дуелот што Голден стејт ќе го игра в четврток против Милвоки бакс, тим што исто така има само еден пораз досега сезонава (8-1).

Многу интересно беше во Њујорк, каде домашните никси по две продолженија загубија од Чикаго со 115-116. Играч на натпреварот беше Зек Лавајн, кој постигна рекордни за него во кариерата 41 поен.

Денвер нагетс ја продолжи победничката серија триумфирајќи над Бостон со 115-107. Џамал Мареј беше неверојатен постигнувајќи 48 поени, додека Никола Јокиќ го заврши напреварот со осум поени, десет скока и осум асистенции.

Хјустон по слабиот старт на сезоната врза три победи во низа, откако „ракетите“ синоќа славеа на гостувањето против Индијана со 94-98. Пресудна беше последната четвртина што Хјустон ја доби со 19-29, направи целосен пресврт и стигна до триумф. Најефикасен кај „ракетите“ беше Џејмс Харден со 28 поени, меѓу нив и тројката на 34 секунди на крајот со која беше решен победникот на овој интересен натпревар.

Резултати НБА:

Детроит – Мајами 115-120 (по прод.), Индијана – Хјустон 94-98, Орландо – Кливленд 102-100, Њујорк – Чикаго 115-116 (по прод.), Оклахома сити – Њу Орлеанс 122-116, Денвер – Бостон 115-107, Јута – Торонто 111-124, Голден стејт – Мемфис 117-101, ЛА клиперс – Минесота 120-109.

Се вчитува...