Грнчаров: Ако дадеме први гол, можеме да го изненадиме Реал Сосиедад

Македонскиот првак Вардар утревечер (19 часот) ќе го одигра третиот натпревар во групната фаза од Лигата на Европа, пречекувајќи го на домашен терен шпанскиот тим Реал Сосиедад. По убедливиот пораз од рускиот Зенит (0-5) на арената „Филип Втори“, вардарци сепак покажаа малку заби на гостувањето против Розенборг, иако загубија со 3-1. Но, по триумфот над Шкендија во првенството, сега се гледа пооптимистички и на дуелот против Реал Сосиедад.

Капитенот Бобан Грнчаров смета дека Вардар има шанси на овој меч, но доколку успее прв да постигне погодок.

„Реал Сосиедад е квалитетен тим, ги краси класична шпанска игра, со многу додавања, но и не се непобедливи. Мислам дека доколку први постигнеме гол, имаме шанси да ги изненадиме, и да стигнеме до првите бодови во групата. Секако ќе го дадеме својот максимум, а ќе ни биде потребна поддршката и од публиката“, истакнува Бобан Грнчаров.

Реал Сосиедад по првите два меча има триумф против Розенборг (4-0) дома и пораз против Зенит (1-3) на гости и со три бода моментно се наоѓа на втората позиција во групата Л.

Се вчитува...