Грнчаров: Жал ми е што не играм, но срцето ќе ми биде на терен…

Дел од вардаровата експедиција која од денеска е веќе во Истанбул пред утрешниот реванш натпревар со Фенербахче во последната квалификациската рунда за Лигата на Европа е и капитенот Бобан Грнчаров.

Популарниот Грне нема право за настап поради црвениот картон добиен на првиот натпревар против Фенербахче, пред самиот крај од натпреварот, меѓутоа капитенот дојде да им даде поддршка на „црвено-црните“ момци во обидот да го обезбедат најголемиот европски успех и да се пласираат во групната фаза од едно меѓународно натпреварување.

„Навистина ми е многу жал што нема да можам да настапам утре на вториот натпревар со Фенербахче, но тука сум во Истанбул со играчите да им дадам поддршка на овој натпревар. Верувам дека кој и да игра ќе го даде максимумот, ќе игра со срце за добар резултат на утрешниот реванш. Играме против одличен тим кој што игра добро пред своја публика, но ние имаме резултат од 2-0 од првиот натпревар и се надевам дека ќе успееме да постигнеме гол и со тоа да си ја олесниме задачата. Стојам целосно зад играчите, и се надевам дека сето тоа ќе биде еден дополнителен мотив за поволен исход од утрешниот натпревар кој ќе го донесе тој долго посакуван чекор кон групите во едно натпреварување во Европа“ – изјави Грнчаров.

Се вчитува...