Грција го зеде скалпот на Литванците, ја чека Хрватска или Русија

Грција е четртиот четвртфиналист на Евробаскет 2017 откако нашиот јужен сосед вечерва со извонредна игра ја совлада селекцијата на Литванија со убедливи 77-64. Иако Литванците важеа за фаворити бидејќи го освоија првото место во групите, Грците изненадија со одличен колективен настап со кој го зедоа скалпот на секогаш незгодниот противник.

Кошаркарите на Грција изненадија со одличен настап уште на стартот од мечот, добивајќи ја првата четвртина со резултат 25-17. По израмнетата втора четвртина, Грците во третиот период стигнаа и до позитива од над 15 поени разлика, но Литванија сепак успеа да се врати. Откако Папаникоау погоди за 63-48 на стартот од последната четвртина, Литванците направија серија од 11-0 и дојдоа на само четии поени разлика. Сепак, Вурусис погоди кога беше најважно, ги исфрли противниците од ритам и ја предводеше Грција до пласман во четвртфиналето каде оваа селекција ќе се сретне со победникот од утрешниот дуел Хрватска – Русија.

Слукас погоди пет тројки од седум обиди и со 21 поен беше најзаслужен за големата победа, во која Калатес учествуваше со 14 поени и шест асистенции.

Се вчитува...