Грците да платат со „камата“ за шокот во Кожани

Македонската ракометна репрезентација денеска во 18 часот го игра последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020. Ривал е јужниот сосед Грција од кого нашите ракометари беа шокирани на 28 октомври минатата година (28-26) во Кожани, еден од најболните порази на нашиот национален тим во последните десетина години.

Многу работи се сменија оттогаш, Раул Гонзалес си замина по СП 2019, а неговиот наследник Данило Брестовац оствари одлични резултати, па со две победи и едно реми на првите три средби како селектор ја однесе Македонија на европскиот шампионат. Доволен е само еден бод во последното коло со Грција за да биде осигурана и првата позиција во групата, но нашите ракометари се насочени само кон една работа – триумф над Грците и реванш за поразот во октомври.

„Сеќавањата од тој пораз се уште се свежи. Тоа е само мотив повеќе за победа на овој последен натпревар, за успешно заокружување на овие квалификации. Грците и во последното коло против Исланд покажаа дека не се наивен ривал, но наша цел е победата и ќе сториме се за да стигнеме до неа“ – порачуваат нашите ракометари во пресрет на денешниот натпревар во Струмица.

Селекторот Данило Брестовац беше принуден повтоно да менува во тимот. На местото на повредениот Стојанче Стоилов не е повикан нов „пикер“, туку дел од репрезентацијата ќе биде Горан Крстевски. Како што веќе беше најавено, на местото на Милорад Кукоски повикан беше Дарко Димитревски, кој ќе има задача во играта во дефанзива. Слично како и на двата дуели со Исланд, Брестовац повторно прави „рокада“ и на позицијата десен бек, каде Серафимов ќе го заземе местото на Јагуриновски како резерва на капитенот Кире Лазаров.

Се вчитува...