Грците изгореа во Струмица, Македонија како прва во групата оди на ЕП

Македонија ја оствари целта – славеше на последниот квалификациски натпревар против Грција (27-23), за печат на првото место во својата група и нешто поповластена положба на претстојната ждрепка за ЕП 2020. Дваесетина минути траеше отпорот на гостите, кои имаа и три гола предност, но Македонија успеа да се врати, уште во првото полувреме направи пресврт, а потоа во вториот дел рутински ја запечати победата, четврта на шесте одиграни натпревари во овој квалификациски циклус.

Дуелот го стартувавме со сличен состав како и мечот против Турција, со Никола Маркоски како пивот на местото на повредениот Стоилов. Многу проблеми на стартот ни создаваше голманот Букоминас, кој во првите две минути имаше три успешни интервенции и им овозможи на гостите набрзина да стигнат до предност од 0-2. Грците премногу лесно го наоѓат патот до нашата мрежа, поведоа со 3-6, а згора на тоа Филип Кузмановски набрзина заработи две исклучувања, па до кајот на полувремето остана на клупата. При негатива од 5-8 на голот застана Никола Митревски, по што почна и камбекот на македонската репрезентација.

Добрата одбрана придонесе негативата експресно да се истопи, особено откако со влегувањето на Пешевски добивме и дополнителен квалитет во нападот. Македонија првото водство го имаше во 26. Минута, со голот од контранапад на Никола Маркоски (11-10), по што со новите погодоци на Пешевски на одмор заминавме со предност од 13-11.

Танкоски го постигна првиот гол во второто полувреме, Македонија имаше и „плус четири“ (15-11), но гостите набрзина се консолидираа и не доволија победникот предвреме да биде решен. Разликата долго време се движеше меѓу два и четири гола, за во 49. минута преку Маџовски да стигнеме и до „плус пет“ (22-17). Кузмановски со фантастична борбеност одзеде топка на спротивната страна, дополнително кревајќи ја атмосферата во салата „Парк“ во Струмица. Гоце Георгиевски од контранапад погоди со лоб за 23-17, а потоа во 57. минута деснт крило асистираше при најубавиот потег на мечот, двоен цепелин што Кире Лазаров го претвори во гол. Победата беше осигурана, па со конечните 27-23 „црвено-жолтите“ се реваншираа за поразот во Кожани претрпен во октомври минатата година.

Се вчитува...