Грузија е земја пример за справување со Ковид-19, фудбалот сега веќе се враќа во нормала

ЕКИПА во Тбилиси, Грузија
Владимир Булатовиќ

Македонската сениорска репрезентација за првпат во својата историја се соочува на фудбалски план со селекцијата на Грузија. Прв мегдан за фудбалските репрезентативци во Тбилиси и тоа под специфични услови во пост-корона период во кој ниту најмалку не е лесно да се мисли на спортот.

Но, пандемијата на коронавирусот речиси и да не се чувствува тука во главниот град на Грузија која е една од земјите пример во светот за справување со Ковид-19. Наспроти фактот дека има околу 4 милиони жители, двојно повеќе од Македонија, Грузија од почетокот на кризата има само околу 1600 инфицирани, од кои 19 смртни случаи, речиси сите во поодмината старост и со комплицирани коморбидитети. Општ карантин за граѓаните не беше ниту еднаш воведен, само полициски час од 21 часот до 6 часот наутро, кој беше строго контролиран и казните беа драконски.

Токму поради тоа, сега спортот повторно максимално се врати во земјата, а за фудбалот, кој е еден од најпопуларните спортови во Јужен Кавказ, повторно се живее.

„Сите тие мерки вродија со успех и животот многу кратко беше нарушен од вообичаениот тек, кој сега е скоро сосема вратен во нормала и се е отворено и функционира, секако со прилагодувања во однос на хигиена. Од неодамна отворија и спортски објекти, со одржуваат и спортски настани без публика, животот се врати по улиците, рестораните повторно се наполнија, децата тргнаа на училиште и се врати оптимизмот кај граѓаните. Сите се надеваат дека најлошото е зад нив и дека дури и да има повторен бран на ново заразени, сите се подобро опремени за справување со вирусот“ – вели Ана Арсенова-Најдов, Македонката која од 2018 година е во Тбилиси и со задоволство помага на секој Македонец кого патот ќе го наведе во Грузија. Така е и сега, како поддршка за фудбалската експедиција.

ФОТО: Шермазана (Shermazana)

Арсенова-Најдов, заедно со својот сопруг и семејството, по одисеите во Лаос и Казахстан како дел од меѓународни проекти во рамките на Светска банка, последните три години живее во Тбилиси, град од еден милион жители за кој зборува со воодушевување како убедливо најатрактивната туристичка дестинација во Кавкаскиот регион од Евроазија. Ниту со пандемијата, како што вели, не загубил ниту најмалку од својата убавина и покрај тоа што сега ги нема туристите…

„Тбилиси е град кој маѓепсува со својата убавина, град со богата историја и фотогенични маала, калдрмени улици, големи авении, куќи со прекрасни дрвени чардаци и величествени цркви. Грузија е на патот на свилата, во срцето на јужен Кавказ, на крстопат меѓу Азија и Европа, што е видливо и по денешниот Тбилиси, прекрасна мешавина на ориентот, ибериски традиции, кавкаска кујна, советска брутална архитектура, модерни европски настани, уникатна физиономија на луѓето и гостопримлив менталитет. Туристите до неодамна беа вообичаена глетка, како се сладат со нивните хинкали и хачапури, тестираат од нивните десетици автохтони вина, роварат низ стариот град, се фотографираат на познатата Нарикала тврдина која се извива над градот со својата Мајка Грузија споменик, држејќи во едната рака држи меч за непријателите, и вино за пријателите. Често можеа да се забележат како лежерно се шетаат по познатата Руставели Авенија и уживаат во познатите грузиски танци и полифонично пеење, како и во термалните бањи чии сулфурни води извираат од самиот град. И името на Тбилиси значи топол извор на минерална вода“ – вели Ана, и дополнува:

„Многу од тесните улички во стариот град за време на карантинот за жал беа празни, со затворени дуќани и непријатна тишина, сосема невообичаена за локалните мештани кои живеат од продавање на сувенири и организирање на дневни тури по земјава. Грузија во март сосема херметички ги затвори своите граници за туризам и воведе задолжителен карантин за граѓаните, кои масовно се вратија со појавување на светската пандемија на ковид-19. Благодарение на: транспарентната политика на моменталната власт, ставање на чело на тројца експерти за инфективни болести кои дневно ја советуваа и известуваа јавноста за било какви промени, затворање на сите спортски објекти и неодржување натпревари, задолжително носење маски кое е сеуште на сила, затворени училишта до неодамна, забранет јавен транспорт и јавни собирања, мерење температура пред влегување на било каков затворен објект и најважно од се следење на контакти и инстантно изолирање на црвени зони, Грузија успеа со своите 4 милиони популација да се одржи на многу ниско ниво на нови инфекции, кои до неодамна беа на ранг на 5 дневно, но бидејќи отворија граници за пет европски земји, сега се на 25 заболени дневно, што е сепак во споредба со Македонија релативно мала бројка“.

Се вчитува...