Грузија ќе падне, прашањето е само со колку разлика

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“) ќе го игра третиот натпревар во оваа ЕХФ-седмица, прв на домашен терен против селекцијата на Грузија. Селекторот Брестовац во претходните денови експериментираше со помладите ракометари против Турција (победа) и Италија (реми), но за претстојниот двомеч со Грузијците стручниот штаб повторно се врти кон најдоброто што Македонија го има во моментов.

Капитенот Кире Лазаров ќе ја предводи репрезентацијата, на голот се враќа Борко Ристовски, а на дуелот со Грузија повторно репрезентативниот дрес ќе го облечат и бундеслигашите Талески и Кузмановски, како и крилото на Веспрем, Дејан Манасков.

Разликата во квалитет е огромна и нема сомнеж дека Македонија е апсолутен фаворит на овој натпревар, како и на оној утрешниот, а единствената дилема треба да биде со колкава гол-разлика ќе заврши дуелот. Воедно, послабиот ривал треба да му овозможи на Брестовац да се обиде да ги вклопи дел од помладите ракометари со оние најискусните, во последните подготовки пред да го објави поширокиот список за ЕП 2020.

Брестовaц го скрати и списокот на играчи во пресрет на овој двомеч, па за денешниот натпревар со Грузија ќе смета на следните ракометари:

Голмани: Мартин Томовски, Борко Ристовски.

Крила: Дејан Манасков, Бојан Маџовски, Мартин Поповски, Ненад Костески, Димитар Димитриоски.

Бекови: Филип Талески, Филип Кузмановски, Дејан Кукуловски, Марко Мишевски, Дарко Димитриевски, Марио Танковски, Мартин Велковски, Кирил Лазаров, Томи Јагуриновски, Горан Крстевски.

Пикери: Жарко Пешевски, Филип Арсеновски.

Се вчитува...