Гурбанов: Празните трибини ќе бидат предност за Силекс против Карабах

Карабах ќе игра на домашен терен, но празните трибини сепак ќе бидат предност за Силекс на утрешниот меч од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Така смета тренерот на азербејџанскиот првак, Гурбан Гурбанов.

„Играме дома, но ќе ја немаме поддршката од навивачите. Тоа секако ќе биде своевидна предност за Силекс на утрешниот меч. Се работи за квалитетен тим, ги следевме последните два натпревари што македонскиот клуб ги одигра во новата сезона. Сакаат да играат со топка, да градат игра и ако им дозволиме, би можеле да ни создадат многу проблеми. Но, затоа ќе мораме грешките да ги сведеме на минимум и да бараме почетна предност уште од самиот старт на натпреварот. Едно е јасно, нема слаби тимови во Лигата на шампионите и мора да бидеме многу внимателни“, изјави Гурбан Гурбанов на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот меч против Силекс.

Натпреварот е закажан за 18 часот по македонско време, а ќе се игра на стадионот „Тофик Бахрамов“ во Баку.

Се вчитува...