Ѓуроски: Добра одбрана во Романија за нова победа во овие квалификации

Македонските кошаркари продолжуваат со подготовките за претстојниот натпревар со Романија, што „црвено-жолтите“ ќе го играат в четврток во Плоешти. Математиката е јасна – Македонија може да загуби и до 14 поени разлика и да остане на првото место во групата, но кошаркарите ќе настојуваат да триумфираат и на ова гостување, за со максимални четири победи да се пласираат во главните квалификации.

„Добро работиме од почетокот на овие подготовки, неколку дена тренинзи се сосема доволни за пресметката со Романците, ривал што веќе добро го познаваме. Тие имаат агресивни бекови и високи играчи што можат да погодат од далечина, затоа најважно од се ќе биде да одиграме добро во одбраната. Ако ги неутрализираме нивните главни оружја, ќе стигнеме до резултатот што го посакуваме – победа и на овој натпревар“ – изјави Стојан Ѓуроски.

Македонските кошаркари вечерва ќе одржат уште еден тренинг, по што утре ќе патуваат во Романија. Мечот Романија – Македонија ќе се игра в четврток со почеток во 17 часот.

Се вчитува...