Македонската кошаркарска репрезентација се пласираше во главните квалификации за Евробаскетот 2025 откако претквалификацискиот циклус во кој „црвено-жолтите“ се сретнаа со Норвешка, Данска и Словачка го завршија на првото место во групата со биланс од пет победи и еден пораз.
Клучот за тоа беше последниот натпревар во Осло каде избраниците на Александар Јончевски одново одиграа врвен одбранбен натпревар против скандинавскиот противник. Во Гевгелија Норвежаните беа лимитирани на 36 поени, а вчера на само 41 при реализација од само четири отсто за три поени (2/45) во двата меча.
View this post on Instagram
Задоволствто од победата не го криеше Стојан Ѓуроски кој истакна дека одбраната повторно била пресудна за победа.
„Го следевме натпреварот меѓу Данска и Словачка, знаевме дека таа многу ни значи, но исто така бевме подготвени да одиграме за себе и да победиме. Го следевме планот на селекторот кој беше многу сличен на оној од првиот меч во Гевгелија – да го запреме нивниот најдобар играч Фреј.
Успеавме во тоа, одигравме агресивен и цврст натпревар, примивме само 41 поен и мислам дека одбраната повторно беше клуч на нашиот успех со што го запечативме првото место кое го заслуживме. Во овој циклус игравме со силни репрезентации кои не се за потценување, сега ќе прославиме во очекување на следните ривали во квалификациите за Европското првенство“, изјави Ѓуроски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА