Ѓуроски: Оваа репрезентација многу ми личи на онаа со Џикиќ

Стојан Ѓуроски е еден од неколкуте интернационалци во македонската репрезентација, откако на почетокот од сезонава крилниот кошаркар се пресели во францускиот второлигаш Иври. Се очекува Ѓуроски да има значителна минутажа и кај новиот селектор Тодоров, а поранешниот член на МЗТ Скопје, Работнички и Карпош Соколи е оптимистички расположен во пресрет на новиот квалификациски циклус.

„Очигледно е дека сме значително подмладени, но да бидам искрен, ми се допаѓа позитивната енергија што ја гледам на овој прв тренинг. Оваа репрезентација во многу работи ми личи на онаа што ја имавме пред неколку години под водство на Џикиќ, кој направи одличен склоп на младоста и искуството. Затоа сум и оптимистички расположен и верувам дека можеме да оствариме добар резултат, да се пласираме на Евробаскет 2021“, вели Ѓуроски.

Првиот дуел, на домашен терен против Естонија, е од исклучителна важност за нашиот национален тим во борба за место на континенталниот собир.

„Првиот меч ни е против Естонците, тоа е селекција што игра брза кошарка, но ние имаме доволно млади играчи енергија за да им парираме. Јасно е дека оваа селекција ни е главен ривал во квалификациите, првиот меч е исклучително важен, но верувам дека сме доволно квалитетни за да го стартуваме новиот циклус со победа“, оптимист е Стојан Ѓуроски.

Се вчитува...