Ѓуроски: Знаеме што треба – да го победиме Косово!

Македонските кошаркари утрово го имаат последниот шутерски тренинг во пресрет на денешниот претквалификациски натпревар против селекцијата на Косово. Оптимизмот е на највисоко ниво, како и решеноста на сите кошаркари Македонија да се приближи чекор поблиску до самата елита на европската кошарка.

„Знаеме се што треба да знаеме за денешниот противник, ги знаеме нивните квалитети, наше е да одиграме сите заедно како тим, добра колективна кошарка и на тој начин да стигнеме до победата. Отсуството на нивниот Американец ќе ни ја олесни работата, а јас верувам и во Шејн Витингтон, за кого сум убеден дека ќе го видиме во многу подобро светло од тој прв натпревар во Швајцарија. Ние сме максимално подготвени и треба да го искористиме фактот дека тие го загубија првиот меч со Романија пред неколку дена, да ги победиме. Треба да ја искористиме оваа сала во Гевгелија, која ќе биде исполнета до последно место и со помош на навивачите да стигнеме до посакуваниот резултат“ – истакнува Стојан Ѓуроски.

Тој во текот на летото направи трансфер во Шпанија, каде експресно се промовираше во еден од лидерите на Хуеска, тим што сериозно атакува на место во елитното шпанско кошаркарски друштво.

„Искрено, се снајдов во Шпанија многу подобро отколку што очекував. Лигата е сериозна, но стилот на игра ми одговара, а и тренерот има голема доверба во мене, што ми овозможува да прикажувам уште подобри игри“ – вели Ѓуроски.

Се вчитува...