Гути жестоко против Анчелоти: Како може да влезе Маријано, а на клупа да ти седат Бејл, Азар и Јовиќ…

Критиките на адреса на Карло Анчелоти по катастрофалното издание на Реал на последното „ЕлКласико“ се повеќе земаат замав, откако денеска на бројните критичари се надоврза и легендата на „кралскиот клуб“, поранешниот капитен Гути.

Фудбалерот кој има 542 средби во дресот на „кралевите“ и освои 15 трофеи со овој клуб се огласи по фијаското на својот поранешен клуб, барајќи објаснување од тренерот околу извршените замени.

„Искрено не знам што се случи. Ако сум јас Анчелоти и треба да направам замена, погледнувам кон клупата и ги гледам Азар, Бејл, Јовиќ, Иско… И сега не може да ми кажете дека ниту еден од нив не е доволно добар за да направи разлика на теренот, па затоа го уфрлате Маријано Дијаз. Што се случува, може ли некој да ми објасни“, вели Гути.

Според екс-плејмејкерот, јасно е дека проблемот во Реал е подлабок од тренерската функција, а Флорентино Перез мора што поскоро да реагира со звучни засилувања.

„За мене е недозволиво Реал Мадрид да има само 12-13 играчи и само тие да играат. Гигант што сака да се бори за тронот на Европа, за двојна круна во Шпанија, не може да има толку куса ротација. Слушам како не им требал Халанд ако го купеле Мбапе… па вистината е дека на Реал им треба Халанд, Мбапе и уште пет квалитетни засилувања за повторно да има моќен тим. Сето тоа да бидат играчи кои сонувале да играат за Реал Мадрид и кои ќе бидат мотивирани, а не како овие кои моментно го носат дресот, а не ја чувствуваат неговата тежина“, критичен е Гути и кон фудбалерите исто како и кон тренерот.

Се вчитува...