По десет години поминати на „Етихад“, Серхио Агуеро на крајот на оваа сезона ќе го напушти Манчестер и ќе ги промени клупските бои. Аргентинецот оваа сезона одигра 18 натпревари за својот тим од кои само осум ги започна од првата минута, а притоа постигна четири гола.
Триесет и две годишникот нема да биде во составот на „граѓаните“ ниту на денешниот меч против Брајтон поради повереда, а медиумите на „Островот“ беа заинтересирани дали воопшто ќе добие шанса да се прости од клубот во финалето од Лигата на Шампионите, при што Пеп Гвардиола изјави дека ќе мора со „ладна глава“ да размисли за својата одлука.
„Морам да бидам „ладен“ во размислувањето. Ако Сехио биде подготвен да ни помогне, сигурно. Ако може да постигне голови ќе игра. Но, сепак станува збор за финалето од Лигата на Шампионите“, изјави тренерот на Манчестер Сити.
Многу поверојатно е Пеп да остане доследен на тактиката што му даде резултат на последните средби со ПСЖ, без класичен напаѓач во тимот во кој улогата на „лажна деветка“ му припаѓа на младиот Фоден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА