Гвардиола: Игравме подобро отколку кога победувавме

Манчестер сити го претрпе првиот пораз сезонава откако загуби од Челси со 2-0, резултат со кој „граѓаните“ паднаа и од првото место на премиерлигашката табела. Сепак, Пеп Гвардиола јасно стави до знаење дека не може ништо да им замери на своите фудбалери бидејќи одиграле добар меч на „Стемфорд бриџ“, а поразот е само сплет на околности.

„Можеме да жалиме, бидејќи игравме подобро отколку на натпреварите што ги победувавме, но и тоа е дел од фудбалот. Имаа една акција по левата страна што не ја исконтролиравме, и резултираше со гол на Канте во финишот од полуремето. Начинот на кој го одигравме тоа прво полувреме беше неверојатен, целосно ги изолиравме, не им дозволивме да влезат во ритам. Штета, игравме извонредно со исклучок на период меѓу пет и осум минути, и во тоа време примивме два гола. Ние сме шампиони и секој сака да победи против нас. Сепак, верувам во мојата екипа, ќе сториме се за да се вратиме на врвот, се уште има уште многу за играње“ – истакна Гвардиола.

Во следното коло „граѓаните“ на домашен терен ќе го пречекаат Евертон, додека Ливерпул го очекува тежок дерби дуел на домашен терен против Манчестер јунајтед, меч на кој Гвардиола и неговите избраници ќе очекуваат услуга од градските ривали.

Се вчитува...