Пеп Гвардиола веќе има вистински дрим-тим на располагање во Манчестер сити, но каталонскиот стратег сака да доведе уште една мегаѕвезда во својот клуб, и тоа ни помалку ни повеќе туку Килијан Мбапе. Таблоидот „Сан“ во своето денешно издание објави дека Гвардиола веќе има подготвено 200 милиони фунти за да го доведе францускиот суперталент во Сити, но за овој трансфер да биде возможен ќе му биде потребна и помош од УЕФА.
Најдобриот млад светски фудбалер повторно игра во одлична форма за ПСЖ, „светците“ не сакаат ни да чујат за негова продажба, но можеби ќе бидат принудени на една таква варијанта доколку УЕФА ги прогласи за виновни за прекршување на правилата за финансиски ферплеј. Истрагата против францускиот првак е уште повеќе продлабочена и се шпекулира дека ПСЖ сигурно ќе биде казнет, единствената дилема е дали тоа да биде со забрана за трансфери од најмалку една година, или пак да добијат наредба да продадат една од своите мегаѕвезди, Нејмар или Мбапе, за да ги израмнат сметките по потрошените 400 милиони евра на овие двајца играчи во летниот преоден рок во 2017 година.
Доколку се реализира втората варијанта, „граѓаните“ се подготвени експресно да стартуваат преговори и да испратат мегапонуда за Мбапе, се со цел да го доведат овој фудбалер во Манчестер. Слична понуда подготвува и Реал Мадрид, но Гвардиола е убеден дека со офанзивниот фудбал што го пропагира ќе го убеди Мбапе да му се приклучи на неговиот проект, наместо да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА