Гвардиола: Јас сум виновен, му се извинив на Габриел Хесус…

Пеп Гвардиола ја презеде врз себе одговорноста за ремито против Ливерпул, откако Манчестер сити во самиот финиш од големото премиерлигашко дерби не реализираше пенал. Серхио Агуеро вообичаено е прв изведувач на пенали на Сити, но Аргентинецот беше повлечен од игра пред да биде досуден прекршокот врз Сане. Габриел Хесус ја зеде топката за да шутира, но на инсистирање на Гвардиола бразилскиот напаѓач му ја препушти топката на Марез, кој биеше крајно непрецизно.

„Јас сум виновен за она што се случи, Хесус сакаше да ја преземе одговорноста, но одлуката да шутира Марез беше моја. Причината е што Марез шутира беспрекорно на тренинзите, затоа решив да му укажам доверба. Во секој случај му се извинив на Габриел Хесус по натпреварот. Можевме да победиме, но да бидеме искрени и реми на „Енфилд“ против ваков тим на Ливерпул е добар резултат. Не се отворивме премногу бидејќи знаеме колку Ливерпул е опасен од контранапади и полуконтри, успеавме целосно да ги неутрализираме нивните налети“ – изјави Гвардиола.

По осум одиграни кола во Премиер-лигата има вистинска мешаница на врвот, Манчестер сити, Челси и Ливерпул се на делба на првото место со по 20 бода, додека Тотенхем и Арсенал имаат по 18 бода на своето салдо.

Се вчитува...