Гвардиола: Многумина едвај чекаат да бидеме осудени

Манчестер Сити би можел да биде исфрлен од Лигата на шампионите следната сезона. За сериозноста на оваа закана е свесен и клубот кој пред неколку дена испрати соопштение во кое тврди дека УЕФА води „непријателски процес“. Пеп Гвардиола кој со тимот е на прагот да стане првиот англиски состав кој ја освоил домашната тројна круна, верува дека Сити е невин и оти УЕФА ќе суди чесно.

„Во повеќе наврати реков дека му верувам на клубот. Знам дека многумина едвај чекаат да бидеме осудени. Но, јас не сум адвокат. Ако сме направиле лошо ќе бидеме казнети. Но, невини сме додека не се докаже спротивното. Во моментов јас го знам само тоа“ – вели Гвардиола.

Манчестер Сити е обвинет за прекршување на Финансискиот фер-плеј, нерегуларности во сопствеништвото и во маркетиншкото работење како и за неправилно ангажирање млади играчи. Казната која може да ја добие е од опомена до исфрлање од Лигата на шампионите. Сити веќе еднаш има казна за прекршување на Финанскиот фер-плеј.

Манчестер Сити денеска против Вотфорд го игра финалето од ФА Купот на Англија.

Се вчитува...