Гвардиола носи дефанзивец што испадна од Премиер-лигата

Одбраната останува главен проблем за Манчестер Сити иако Пеп Гвардиола во последните неколку години потроши над 150 милиони фунти на централни дефанзивци (Лапорт, Стоунс, Отаменди…), па токму овој дел на тимот ќе биде засилен и во текот на летниот преоден рок. Интересен е изборот на Пеп, кој откако не успеа да стигне до Кулибали вниманието го насочи кон фудбалер кој со својот тим испадна од Премиер-лигата.

Станува збор за Нејтан Аке, холандскиот дефанзивец од таборот на Борнмут, кој ќе биде достапен за трансфер по испаѓањето на неговиот тим од елитното англиско фудбалско друштво. Аке има 25 години и од 15-годишна возраст фудбалски се едуцираше во Англија, како дел од школата на Челси. Никогаш не заигра за лондонскиот клуб, беше испраќан на позајмици, за на крајот Борнмут да го откупи неговиот договор со „сините“ за 20 милиони фунти.

Се очекува неговиот клуб добро да заработи, со оглед на фактот дека Сити подготвил понуда од почетни 35 милиони фунти. Доаѓањето на Аке ќе значи и речиси сигурно заминување на Отаменди, откако Аргентинецот ретко добиваше шанси за докажување во вториот дел од сезонава, а во меѓувреме доби неколку понуди за враќање во татковината.

Се вчитува...