Гвардиола остана без уште еден важен играч до крајот на 2018

Пеп Гвардиола има сериозни главоболки поради повредите на клучните играчи сезонава, а проблемите станаа уште поголеми откако Давид Силва беше принудно заменет во второто полувреме од дербито со Челси. „Граѓаните“ се надеваа дека не станува збор за ништо посериозно, но лекарските прегледи донесоа лоша вест за првакот на Премиер-лигата.

Имено, станува збор за оштетување на мускулот поради кое се препорачува пауза од најмалку три седмици, што значи дека шпанскиот генијалец ќе ги пропушти дуелот од ЛШ со Хофенхајм и уште четири средби во Премиер-лигата, против Евертон, Лестер, Кристал палас и Саутемптон. Гвардиола се надева дека Давид Силва ќе може да се врати во тимот за големото дерби со Ливерпул, закажано за 3 јануари 2019 година.

Во меѓувреме се очекува Пеп во тимот повторно да го има и Кевин де Бруине, кој по две незгодни повреди го пропушти поголемиот дел од оваа сезона. До крајот на годинава „во аут“ е и левиот бек Менди, додека Серхио Агуеро го пропушта утрешниот меч со Хофенхајм, но потоа би требало да се врати во тимот за саботниот дуел со Евертон.

Се вчитува...