Гвардиола во офанзива: Кејн, Кулибали, Хаверц…

Манчестер Сити денеска слави откако ЦАС ја поништи казната на УЕФА, што значи дека „граѓаните“ ќе можат веќе од следната сезона повторно да се натпреваруваат во Лигата на Шампионите. Со ова исчезнуваат стравувањата дека играчи како Де Бруине и Стерлинг би можеле да си заминат во клубови со кои би играле во ЛШ, а воедно Сити повторно добива моќ на пазарот во обидот за носење на нови фудбалери.

„Граѓаните“ беа симнати од тронот на фудбалска Англија, а шеиците се подготвени за сериозни инвестиции во играчкиот кадар, се со цел Манчестер Сити експресно да се врати на тронот што во следната година ќе му припаѓа на Ливерпул.

Прв на листата со желби на „сините“ е Хари Кејн, кој е незадоволен по уште една разочарувачка сезона во Тотенхем. Англискиот репрезентативец е желен за освојување на трофеи и летово ќе инсистира на менување на клупските бои. Тотенхем бара 150 милиони фунти, но „граѓаните“ можат да ја спуштат оваа сума нудејќи фудбалери во размена.

За главно засилување на одбраната избран е Калиду Кулибали, сенегалскиот ас од таборот на Наполи. Италијанскиот клуб бара 90 милиони евра, но Сити веќе испратил понуда на половина од таа сума, плус Зинченко и Отаменди. Ако не успее да дојде до Кулибали, „план Б“ за одбраната е Шкриниар од Интер.

Каи Хаверц е уште едно име што Гвардиола го мерка за својот тим, станува збор за универзален офанзивец кој одлично се снаоѓа на неколку позиции во навалната линија. Пеп во него гледа одличен плејмејкер и наследник на Давид Силва, кој летово ќе си замине од клубот. За Хаверц сериозен интерес искажува и Челси, но „граѓаните“ се убедени дека можат да го победат лондонскиот клуб во оваа трка.

За позицијата лев бек е избран Бен Чилвел од Лестер, за чии услуги ќе бидат понудени 50 милиони фунти, а слична понуда се најавува и за новиот „бисер“ на Валенсија, Ферар Торес.

Најевтина опција од сите кои се поврзуваат со Манчестер Сити е Хави Мартинез, кој на една година од истекот на договорот со Баерн Минхен би бил достапен за десетина милиони евра, а со својата универзалност е играч што Гвардиола може да го користи на неколку различни позиции.

Се вчитува...